Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити беше во посета на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски” во Скопје, каде имаше свое обраќање по повод промоција на нови апарати на оваа клиника.
-Инвестиравме над 700 илјади евра за набавка на нов современ апарат за литотрипсија, поточно апарат за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт којшто се очекува да го олесни третманот на пациентите кои по интервенцијата ќе можат да си заминат дома.
Се работи за најсовремен апарат кој што е од најновата генерација и токму во оваа болница е практично третиот во државата кој што е да кажеме на ниво повисоко од другите кои што ги имавме. Со тоа се овозможува современ и брз третман на пациентите, но и олеснување на работата на здравствените работници, како и на Клиниката каде ќе нема потреба од подолго задржување на пациентите, истакна премиерот.
На Клиниката е набавен и нов апарат за мамографија со томосинтеза.
-Томосинтезата на дојка е револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка со што за 30% се зголемува точноста при интерпретација на мамографиите. Овој апарат е инсталиран во новиот оддел за радиодијагностика, а инсталиран е и нов ултразвучен ехо колор доплер за ехо на дојка, со што ќе се овозможи да се врши и мамографија и ехо на дојка.
Со овие нови апарати ќе се зголеми ефикасноста во рано детектирање на ракот на дојка, а воедно ќе се растеретат капацитетите на здравствениот систем преку тоа што ќе се даде можност овие проверки да се прават на повеќе места отколку што тоа беше случај досега, рече меѓу другото Ковачевски во обраќањето.