Украинските власти со месеци предупредуваат дека Русија втора зима по ред може да го нападне енергетскиот систем со проектили и беспилотни летала. Минатата година, воздушните напади сериозно ги оштетија електричните капацитети, предизвикувајќи прекин на електричната енергија за милиони луѓе.
Запрашан за серијата големи руски воздушни напади од 29 декември, Вадим Скибицки, заменик-шефот на воената разузнавачка агенција на Украина, рече дека истиот тренд не е повторен досега и наведе различни цели што Русија ги напаѓа.
– Тоа се пред се објектите на нашиот воено-индустриски комплекс, штабови, системи за управување и посебни единици лоцирани на линијата на фронтот – рече тој.
Скибицки рече дека оружјето користено во нападите е далеку од точно, што резултирало со цивилни жртви.
„Навистина, декември беше месец на најмасовната употреба на беспилотните летала „Шахед“, рече тој, додавајќи дека Русија користела околу 770 до 780 беспилотни летала во своите напади.
Москва ги засили големите напади за време на празничниот период, а кон крајот на декември го започна еден од најголемите воздушни напади досега во речиси двегодишната војна.
Украинската војска вообичаено не ги наведува деталите за последиците од руските напади врз нејзиниот воен комплекс, иако призна дека воените објекти биле меѓу последните цели.
Нападите доаѓаат откако Киев ги засилува напорите за зголемување на домашното воено производство за да обезбеди стабилни резерви и да стане помалку зависен од странските партнери, кои се соочуваат со сопствени недостиг и не можат да ги задоволат потребите на бојното поле на Киев.
И покрај сегашниот тренд, енергетската мрежа на Украина се уште е под закана, вели Скибицки.
– Непријателот продолжува редовно да ги фотографира нашите енергетски капацитети од воздух за да изврши такви удари доколку е можно и доколку е потребно – рече тој, пренесе Ројтерс.