СДСМ: ОЈО да го истражи скандалот на градоначалниците на ДПМНЕ со купувањето поскапи машини

од Nikola Popovski
175 прегледи

СДСМ повторно бара надлежното Јавно обвинителство да постапи и да ги истражи сомнителните јавни набавки со астрономски цени во општините раководени од градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Новата афера на градоначалниците на ДПМНЕ кои купувале неколкупати поскапи машини од реалната цена мора да се расчисти. Според јавно достапни документи општина Битола за речиси 50.000 евра набавила машина за бележење хоризонтална сигнализација. Иста машина набавила општина Велес по цена од 40.000 евра, посочуваат од владеачката партија.

Според СДСМ, овие цени се драстично повисоки од реалните цени на пазарот. Велат дека исти вакви машини може да се најдат и по 3 и до 5 пати помали.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека набавката на машините за бележење на хоризонтална сигнализација во општините Битола и Велес е според сите законски норми и прописи. Машините се произведени од најреномираната фирма во областа GRACO од САД, и истите се најдобри во својата област.

-СДС вели дека таквата машина можела да се набавки за (цитираме) „две до три илјади евра“. Еве и да речеме дека е така, во прилог е линк на набавка на таква машина која ја направила општината Струмица каде градоначалник е Коста Костадинов од СДС. Таквата машина е набавена за сума од 15 илјади евра, или за 6 пати повисока од таа што тврди СДС дека може да се набави. Оттука следствено на тоа ќе ги поставиме истите прашања кои ги поставува СДС. Што и да кажат и лажат од клептоманската СДС, јасно е дека градоначалници на СДС се фатени со рацете во медот. Наместо да се обидуваат да ја манипулираат јавноста, од СДС да кажат во чии џебови завршиле астрономските разлики, велат од партијата на Христијан Мицкоски.

Општина Велес веќе претходно објави дека набавила машина за бележење на хоризонтална сообраќајна сигнализација, на патишта во велешко. Вредноста на машината е 2,6 милиони денари.

Слични содржини