Евроамбасадор Дејвид Гир денеска на средба со претседателката на Судскиот совет (СС) Весна Дамева, како што соопшти СС, ја поздравил одлуката на Управниот суд и дал поддршка во нејзиното понатамошно постапување, како и во идните активности и заложби на Советот, со цел да се обезбеди владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните.
-Амбасадорот Гир посебно се осврна на препораките на Европската комисија (ЕК), потенцирајќи дека 17 од 40-те препораки содржани во Извештајот на Оценската мисија на ЕК, можат веднаш да се спроведат, бидејќи се краткорочни, не бараат уставни и законски измени, и зависат од самиот Судски совет, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Судскиот совет.
Дамева го информирала Гир дека уште во текот на наредната недела ќе се одржи работилница финансирана во рамки на ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, на која ќе се разгледуваат и донесат заклучоци за секоја од препораките на Оценската мисија.
Амбасадорот Гир, стои во соопштението, изрази надеж дека Судскиот совет ќе пристапи и кон реализација на активностите содржани во новата Стратегија за правосудството, кои во значаен дел се однесуваат и на натамошното функционирање на Судскиот совет.