Русија истрела две ракети врз Харков во североисточна Украина во текот на ноќта, погодувајќи станбени згради и медицински центар, при што се повредени 17 лица, соопштија властите во средата.
Регионалниот гувернер на Харков, Олех Синјехубов, изјави дека ракетите С-300 паднале по стемнувањето во вторникот, објави „Асошиејтед прес“.
Во нападот во текот на ноќта врз Харков, вториот по големина град во Украина, беа погодени 20 станбени згради и медицински центар, соопштија властите, велејќи дека ракетните напади дошле од рускиот пограничен регион Белгород. Подлабоко во регионот на Харков, областите блиску до линијата на фронтот беа под артилериски оган, наведуваат официјални лица.
Руското министерство за одбрана во средата соопшти дека два украински дрона и четири проектили биле соборени над регионот Белгород во текот на ноќта, а уште еден бил соборен околу пладне по локално време во средата. Не даде детали за штета или повредени.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека пресретнале 19 од 20 дронови „шахед“ истрелани од Русија во текот на ноќта, иако регионалните власти известија дека други дронови успеале да поминат низ воздушната одбрана.
Во јужниот град Одеса, три лица се повредени во напад со беспилотно летало поради што беа евакуирани околу 130 луѓе од станбена зграда, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер.
Во Херсон, друг град на југот на земјата, артилерија повредила три лица и оштетила станбени области во текот на ноќта, изјави регионалниот гувернер Олександ Прокудин.