Седницата на Надзорниот одбор на М-НАВ за смена на раководството продолжува утре

од Vladimir Zorba
184 прегледи

Седницата на Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ за смена на раководството продолжува и утре, се до комплетирање на целокупната документација, информираат од М-НАВ.

Надзорниот одбор во М-НАВ денеска попладне ја почна седницата за промените во раководството, согласно насоките што ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов – да ги разреши претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, потврдија од службата за информирање во М-НАВ.

– Седницата на Надзорниот одбор ќе продолжи и утре се до комплетирање на целокупната документација, лиценци, дозволи и т.н. Услови што треба да се исполнат од страна на предложените кандидати од Владата за членови на Управниот одбор, информираат за МИА од М-НАВ.

По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.

Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.

Слични содржини