Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу вечерва изјави дека блиски роднини на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков им се заканувале на потенцијалните купувачи на неговиот имот.
– Во истиот ден кога секој пријавен можеше да оди и да види што има во становите, односно каков е станот и во каква состојба е, оделе група луѓе заедно со најтесниот круг на фамилијата на господинот Сашо Мијалков, им кажувале дека не можат да ги купат овие станови, дека не сакаат нови соседи. Што значи дека секој граѓанин би се преиспитал дали да влегува во вакви игри и дали вреди да уплатат, а потоа да имаат приватни проблеми, рече Небиу за емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.
Тој повтори дека е парадоксално тоа што има можност синот да го купи конфискуваниот имот од таткото, но дека како Агенцијата за управување со одземен имот постапиле согласно законот.
– И во изјавата пред некој ден кажав дека е парадокс кога од таткото се зема имот, а синот го купува, но ние мора да го почитуваме законот заради тоа што Уставот го гарантира правото да учествува секој граѓанин, вклучувајќи го и најтесниот круг на фамилијата. Согласно сегашниот закон на Агенцијата за управување со недвижен имот, освен вработените во Агенцијата и јас како директор, сите останати имаат право да аплицираат и да купат имот од било кој осуден, не само од Сашо Мијалков, рече Небиу.
Додаде дека се преземени чекори да се промени законот. – Тоа е веќе усогласено во Владата и чекаме да биде изгласано во Собранието. Мислиме дека со тоа ќе бидат лиминирани ваквите пријавени купувачи затоа што сметаме дека во второ и трето колено не смеат да го купуваат имотот, рече Небиу.