Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) го подготви прелиминалниот извештај од вонредниот надзор по инцидентот во националниот оператор за воздухопловна навигација во делот на обезбедувањето.
Изготвен е конечен записник, врз основа на кој од 14 утврдени наоди изготвено е решение со наредба за преземање 11 задолжителни мерки и активности со различен рок на реализација, што ќе биде дефиниран во корективен план што заедно ќе го изготват овластените инспектори во АЦВ со одговорните во М-НАВ, информира за МИА, директорот на АЦВ, Томислав Тунтев.
Има и прекршочни платни налози затоа што, како што вели, на утврдена конкретна одговорност изрекле и санкции кон фирма и лица.
За разлика од делот за безбедноста, во делот на обезбедувањето констатирани се сериозни прекршувања и непочитувања на законски одредби и на подзаконски акти. Тунтев вели дека конкретно, не се почитувани процедурите за обезбедување во М-НАВ, не е почитувана нивната програма за обезбедување, не се почитувани одредбите на Националната програма за обезбедување на воздушниот сообраќај и одредени одредби од Законот за воздухопловство.