Секретарот на Советот на Сојузот на независни синдикати на Србија (СССС), Зоран Михајловиќ, денеска изјави дека слободниот проток на работна сила во земјите од Отворен Балкан ќе ѝ донесе најмногу штета на Србија, бидејќи ќе ја намали цената на домашната работна сила.
„Работниците од Албанија и Северна Македонија, кои нема да можат да одат во Западна Европа, туку ќе одлучат да дојдат во Србија, ќе ја намалат цената на трудот за локалните работници, па ќе продолжи егзодусот во Европа на нашите, не само експерти, туку исто така и помалку квалификувани работници“, изјави Михајловиќ за „Бета“.
Во Скопје, на 22 јануари, меѓу земјите од Отворен Балкан, Србија, Северна Македонија и Албанија, беа потпишани Протоколот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот и Протоколот за поврзување на шемите за електронска идентификација со помош на матичен број, кои ќе обезбеди унифициран пазар на труд од први март, а за работниците нема да се бара дозвола за престој и работа за работа во ниту една од тие земји.
Михајловиќ не верува дека работниците од Србија ќе бараат работа во Северна Македонија или Албанија.
Во тие земји, како што рече, невработеноста е поголема отколку во Србија, па мотивот да дојдат можеби е нешто повисока плата, но и тоа што е поблиску отколку одење во некоја европска земја.
Тој рече дека се плаши дека сега работодавците повеќе ќе ги злоупотребуваат работниците од тие две земји и дека ќе има повеќе нелегална работа.
Додаде дека овие работници ќе бидат привлечни за странските инвеститори, но дека „Србија треба да привлече странски инвеститори поради вработување на домашни работници, а не на странски работници“.
Михајловиќ заклучува дека има многу непознати детали за тоа како ќе се плаќаат придонесите за социјално и пензиско осигурување на тие странски работници.