Ангелоски: Српската економија е во подалеку подобра кондиција и со далеку подобри проекти и за очекување е да го „собере медот“ од Македонија

од Nikola Popovski
751 прегледи

Договорот меѓу Македонија, Србија и Албанија, како дел од иницијативата Отворен Балкан, што ќе стапи на сила на 1 март, им овозможува на работниците од трите земји да најдат работа без работна дозвола или дозвола за престој. Воспоставувањето на слободниот пазар на труд е исклучително важен за економиите на трите земји, како и за сите работници, оценува во разговор за „Локално“, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски.

Според него, ова ќе донесе позитивно влијание.

-Одреден број луѓе ќе можат полесно да се вработуваат и да мигрираат од земја во земја. Мислам дека и досега, освен што процедурата беше поспора, немаше посебни административни пречки. Мислам дека сега со ваквите мерки, ќе влијаат и на побрзо признавање на дипломите. Досега за одредени дипломи требаше да се нострифицираат, а сега ќе бидат прифатени во трите земји, истакнува Ангеловски.

Тврди дека Србија е апсолутно атрактивна земја бидејќи платите кај нашиот северен сосед се на повисоко ниво.

-За очекување е дека македонски работници ќе мигрираат во Србија. Србија може да го собере медот затоа што српската економија е во подалеку поодбра кондиција, има далеку подобри проекти и за очекување е тоа да се случи, појасни претседателот на ССК.

Во секој случај, додава Ангелоски, се очекува поголем позитивен ефект врз економскиот развој во Македонија.

-Миграцијата на работна сила, економските слободи секогаш можат да доведат до позитивно влијание. И во првиот момент, да има одлив на работна сила, веднаш ќе се утврди која е причината, па ќе се преземат мерки и ќе се влијае на намалувањето на невработеноста. Секогаш кога има соработка во регионот од една во друга држава, каде постои близина без агресивно иселување на луѓето, може да влијае позитивно на целокупниот регион, оценува соговорникот.

Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, предвидува гаранција за граѓаните на договорните страни на еднаков пристап до пазарот на трудот кај државата во која имаат намера да засноваат работен однос.

Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, ја утврдува постапката и начинот на кој граѓаните на државите потписнички ќе им овозможат на своите граѓани да се стекнат со таканаречениот „Отворен балкан број за идентификација“, кој пак ќе им овозможи на заинтересираните лица слободен пристап до пазарот на трудот и престој во останатите држави потписнички.

Заради остварување на правото на слободен пристап до пазарот на трудот во државата од интерес, како и престој во таа држава, заинтересираните странски државјани потребно е да извршат онлајн регистрација на соодветната онлајн електронска платформа во својата држава (е-влада / е-управа и слично), како би се стекнале со „Отворен балкан број за идентификација“. Оваа регистрација може да се изврши пред влез во државата во која ќе се конкурира на пазарот на труд или во рок од 90 дена од влезот во државата.

Н.П.

Слични содржини