Министерот за внатрешни работи и дел од раководството на СДСМ, Оливер Спасовски вели дека нема увид во постапката низ месните одбори и општинските организаации на партијата околу предлозите за кандидат за претседател на државата. Тој е дециден дека во моментов нема увид кои се предлозите.
-Кога целата постапка ќе заврши и раководството ќе ги сумираат, тогаш ќе се седне и ќе разговара за процесите. За мене е најважно да се одбере најдобриот кандидат и најдобрите кандидат за пратеници и второ да се подготви добра изборна платформа, која ќе го претставува проевропскиот блок, кој има една јасна визија и стратегија каде треба да се движи државата и што е тоа што треба да направиме визави немањето концепт од страна на опозицијата, затоа што битката на овие избори ќе биде токму во тој правец, така што личните судбини, амбиции, интереси, посебно сега во овој момент не можат да бидат во прв план, изјави Спасовски.
Околу гужвите со вадењето на личните документи, министерот истакна дека има обрасци за лични карти и пасоши во МВР.
-Во однос на гужвите, нормално е да ги има кога не се води процесот од почеток. Ако 2021 година, имаме изработено само 120 илјади документи, тоа говори дека сме ги оставиле обврските за подоцна или чекаме до последен ден. Ако погледнеме територијално, внатрешноста на државата си ги завршила работите скоро 100%. Сепак мислам дека и во Скопје имаме сериозен напредок, рече Спасовски.
Во моментов издадени се над 1,25 милион патни исправи, над 1,1 милион лични карти и околу 550.000 возачки дозволи.
Спасовски повтори и дека издавањето документи ќе продолжи и после 12-ти февруари.
-Во понеделник и во наредните денови ќе стигнат нови количини обрасци за патни исправи. Не треба да се грижиме, процесот ќе продолжи, информира министерот, одговарајќи на новинарски прашања по годишната конференција – „Година на европски можности“.