СДСМ: Дел од предложените кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се од времето на Груевски за кои има поднесено кривични

од Nikola Popovski
307 прегледи

„Слаби и нестручни кадри“. Вака од СДСМ ги искоментираа предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри и заменици-министри во новата техничка влада која треба да биде изгласана до недела на полноќ. Според владеачката партија, дел од предложените кандидати се лични пријатели на Христијан Мицкоски, а дел се кадри од времето на Никола Груевски за кои, истакнуваат од СДСМ, има поднесено кривични пријави, „Дел се и поранешни функционери во град Скопје, но ниту еден нема зад себе ниту еден резултат“.

-ДПМНЕ нема никаква програмска понуда а сега уште еднаш потврди дека нема ниту кадровски потенцијал.

Овие 100 дена на ДПМНЕ во техничката Влада ќе бидат единствената можност да бидат на власт и тоа само заради подготовка на изборниот процес, а потоа ќе се вратат назад во опозиција уште 4 години, соопшти СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ вчера за чело на Министерството за внатрешни работи го предложи Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на партијата и долгогодишен адвокат. Тошковски е магистер по кривично право и криминологија на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, а воедно покрај работното искуство како адвокат, има и големо работно искуство и во државните институции. Во период од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на Република Македонија,  членувал во повеќе комисии и работни тела.

За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите. Станува збор за дипломиран економист, со над 25 годишно работно искуство во Управата за јавни приходи.

Елена Петрова 7 години била управник во Дирекцијата за јавни приходи – за големи даночни обврзници, а претходно била раководител на даночното одделение во Свети Николе, раководител на оддел во секторот за оперативна политика и едукација, како и раководител во сектор за утврдување и наплата на даноци во Генералната дирекција.

Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика. Велковски долги години работел во Министерството за труд и социјална политика, на различни работни позиции, а беше и генерален секретар на Град Скопје од 2021 до 2023 година.

За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје. Стефан Андоновски во моментов е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД. Пред политичкиот ангажман, пет години работел во бизнис секторот во Македонија и е консултант на меѓународни донаторски проекти во областа на дигиталниот маркетинг, комуникациите и медиумите.

Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. По вокација станува збор за дипломиран земјоделски инженер. Трипуновски, во моментот е претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, во претходната техничка влада исто така беше на позицијата дополнителен заменик министер за земјоделие. Неговото работно искуство во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство е долгогодишно, а од 2015-та до 2017-та година ја извршуваше функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006-та до 2008-та година бил прв човек на државната фитосанитарна лабораторија.

Слични содржини