Латас и браќата ослободени за „Тревник“, ЈО го повлече обвинението

од Nikola Popovski
465 прегледи

Јавното обвинителство го повлече обвинителниот акт во случајот „Тревник“ во кој беа обвинети новинарот Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан Павловиќ.

-Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-1083/22 во јавноста познат како „Тревник“, по повод жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, одржа главна расправа на ден 23.01.2024 година, на која јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, во завршен збор го повлече обвинителниот акт на Јавното обвинителство за гонење на незаконско следење на комуникациите НСК-КО.бр.10/17 од 29.06.2017 година, преземено од ЈО на РСМ и заведено во ОЈО Скопје под КО.бр.2938/19 против обвинетите Д. П. Л., С.П. и З.П., за по едно кривично дело Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик, по што Судот донесе пресуда со која се одбива обвинението, согласно член 402 точка 3 од ЗКП, соопштија од Апелацискиот суд.

Случајот „Тревник“ е еден од двата случаи, заедно со „Топлик“ кој се однесуваше на даночно затајување, во кој Латас беше обвинет од СЈО. Како што наведуваше СЈО во обвинението за „Тревник“, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение.

Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри. Со „бомби“ и други прибавени докази, меѓу кои и сателитски снимки од Гугл мапс, вештачење, како и останата документација и сведоци, СЈО тврдеше дека овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Првата ослободителната пресуда беше изречена во 2019 година, истата во 2020 беше укината од Апелација, а предметот беше вратен на повторно судење во Основниот Кривичен суд во Скопје, и по втор пат, во 2022 година, повторно доби ослободителна пресуда.

Слични содржини