Голем дел од јавноста се согласува дека на земјава повеќе не ѝ е потребна техничка влада, која беше формирана во 2016-та година. Беше предвидена како преоден концепт, но остана да функционира во Изборниот законик и во Законот за Влада. Познато е дека 100 дена пред денот на одржување избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на премиерот, Собранието треба да избере преодна влада за спроведување на парламентарните избори, предводена од нов премиер. Покрај тоа, со овој модел е предвидено да се избере и нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог од опозицијата со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во републичкото собрание. Оваа „пржинска влада“ предвидува и дополнителни заменик-министри за надворешни работи и за труд и социјална политика предложени од владејачката партија, додека опозицијата ќе има дополнителни заменик-министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество.
Во 2020 година, во втората таква влада, беше вклучена и актуелната потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа беше дел од Министерството за финансии како дополнителна заменик-министерка. Во разговор за „Локално“ вели дека се согласува дека треба да се укине и дека во најголема мера е нефункционална.
-Затоа ние и баравме укинување на истата но, предлогот не беше прифатен, ни рече Димитриеска-Кочоска.
Со оглед на искуството и тоа дали и колку се прават опструкции на личноста која влегува во техничката влада, потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ вели дека опструкции постојат, но во секоја институција се различни.
-Пред се зависи од луѓето внатре. Во претходната техничка влада имавме дури ситуација, дополнителен заменик министер да не добие канцеларија, да се доцни со согласности за превземање на луѓе во кабинет и слично. Ова се оние најелементарни работи, да не зборуваме за многу посериозни кои се во доменот на работните задачи на техничката влада, посочува Димитриеска-Кочоска.
Вели дека имала проблеми секојдневно, од неодговарање нејзини барања до доцнење со доставување на документација која оди на Влада.
-Да не го заборавиме кредитот со Светска Банка за кој никогаш не добив објаснување од институциите за што ќе се трошат парите. Притисокот од Владата да го потпишам тој договор беше огромен, не подлегнав на истиот, што се потврди како исправна одлука имајќи предвид дека модуларната болница финансирана од тие пари се запали. Тоа е најголем доказ дека имаше пропусти од страна на надлежните институции, информира соговорничката.
На прашањето дали таква влада ни покажува дека сме неспособни да организираме демократски избори, Димитриеска-Кочоска објаснува дека владата на СДСМ и ДУИ во последните 7 години покажа дека е најнеспособна за работа во било кој домен.
-Ако имаме професионалци со соодветно ниво на образование и квалитет, тогаш нема причина изборите да не бидат добро организирани. За жал оваа корумпирана Влада не остава впечаток дека на цивилизиран и културен начин ќе ја предаде власта, заклучува потпретседателката во ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера беше ден за оставки во Собранието. Најпрвин ја поднесе премиерот Димитар Ковачевски, па претседателот на Собранието Талат Џафери.
-Имам чувство на чест и гордост, бидејќи ја водев владата во едно кризно време, рече премиерот во оставка. За 100-дневниот негов наследник рече дека е искусен политичар и дека земјата ќе продолжи да ја води кон својата западна ориентација.
Џафери, кој од недела ја презема премиерската фотелја на Илинденска е со став, обврска е да спроведеме фер и демократски избори. Првиот вицепремиер, Артан Груби во техничката влада ќе биде вицепремиер и министер за политички прашања и политички систем. На негово место доаѓа Бојан Маричиќ. Оставките ќе бидат констатирани на седница в петок, кога ќе биде избран и новиот спикер Јован Митрески. Веќе в недела, гласање во Собранието за техничката влада под водство на Џафери.
Н.П.