ОЈО Куманово: Ѓорѓе Давид не ја напуштил Македонија, утрово се јавил во судот

од Nikola Popovski
519 прегледи

Основното јавно обвинителство Куманово информира дека мерките на претпазливост определени на српскиот пејач Ѓорѓе Давид кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа кај Табановце се уште се на сила, соопшти денеска Обвинителството.

– Согласно информациите кои ги има Обвинителството до овој момент, тој не ја напуштил државата и утрово се јавил во Судот, како што му е определено. Резултатите од наредените вештачења неопходни за да се расчистат причините за сообраќајната несреќа се уште не се пристигнати до Обвинителството, велат од ЈОРСМ.

Ваквото соопштение следува откако српските медиуми објавија дека рокерот веќе се вратил во својата земја и за утре најавил прес-конференција.

На 22 јануари кумановското Обвинителство определи мерка на претпазливост и привремено му го одзеде пасошот и други документи на странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа, во која загина 49-годишна кумановка пред граничниот премин Табановце. Тогаш, по предлог на Обвинителство – Куманово му беа определени мерки на претпазливост – привремено одземање на патна и друга исправа (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државната граница и обврска да се јавува во судот, соопшти тогаш Обвинителство.

Сообраќајната несреќа во која учествуваа три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки се случи на 20 јанури во 20 часот.

-Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.

Слични содржини