САД планираат да преместат нуклеарни боеви глави во Велика Британија како одговор на растечката закана од Русија, објави денеска британски „Телеграф“. Високи воени и цивилни претставници од двете страни на Атлантикот повикаа на зголемени подготовки во случај на можна војна меѓу силите на НАТО и Русија.
Документите на Пентагон, до кои „Телеграф“ имал увид, покажуваат дека нуклеарното оружје ќе биде лоцирано во базата Лејкенхит на британските воздухопловни сили во Сафолк. Весникот наведува дека се работи за оружје кое е околу три пати посилно од бомбата фрлена врз Хирошима.
Новинарите, исто така, побарале коментар од министерството за одбрана на Обединетото Кралство, чиј портпарол рекол: „Долгогодишната политика на ОК и НАТО е ниту да го потврдуваат ниту да го негираат присуството на нуклеарно оружје на одредена локација“.
Последен пат американски нуклеарни бомби во Британија имало во 2008 година.
Американските нуклеарни бомби последен пат беа стационирани во ОК во 2008 година, кога беа отстранети бидејќи заканата од Студената војна од конфликт со Русија се намали. Според „Телеграф“, се верува дека нуклеарните бомби од типот Б61-12, кои можат да бидат истрелани од борбени авиони, би можеле да бидат испратени во базата на британските воздухопловни сили.
Се наведува дека преместувањето на нуклеарните бомби произлегува од програмата на НАТО за развој и надградба на нуклеарни локации, што беше поттикнато од руската инвазија на Украина. Претходно оваа недела, генералот Патрик Сандерс, командантот на британската армија во заминување, рече дека нејзините редови од 74.000 војници треба да се зајакнат со најмалку 45.000 резервисти и цивили.