Откако некои западни медиуми и агенции објавија дека врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, поднел оставка, украинското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека тоа не е вистина.
„Почитувани новинари, на сите веднаш ќе им одговориме: Не, тоа не е точно“, кратко порачале оттаму.
Пратеникот во украинскиот парламент, Алексеј Гончаренко, претходно на својот профил на „Телеграм“ споделил дека Залужни најавил оставка.
„Залужни најави оставка, но указ се уште нема. Му беше понудена функцијата амбасадор во една од европските земји, но одбил“, напишал Гончаренко.
Одлуката на Залужни ја објавил и поранешниот пратеник на Врховната Рада, Борислав Береза.
„Мои извори од кабинетот на претседателот известија дека Залузни е разрешен од функцијата врховен командант Ова е веќе втор извор“, се вели во објавата на Береза.
Вчера министерот за одбрана Рустем Умеров на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека неговиот ресор врши непланирани системски проверки во регионите.
„Евидентиравме многу прекршоци“, објавил Умеров на својот профил, но не соопштил детали за проверката.
Според информациите на „Ctrane“, денеска во Украина пристигнале тројца високи функционери од Министерството за одбрана на САД, Стејт департментот и УСАИД. Нивните состаноци со имплементаторите, партнерите и украинската влада ќе помогнат да се зајакне надзорот и одговорноста за американската помош за Украина, пишува украинскиот портал.
Претходно медиумите пишуваа за несогласувања меѓу претседателот на Украина Володимир Зеленски и Залужни.
За конфликтот почнаа да се зборува по отвореното интервју на Залужни за магазинот „Економист“, во кое тој призна дека контраофанзивата дошла во ќорсокак. Ова предизвика остри критики од шефот на украинската држава, кој всушност го повикал воениот човек „да се држи настрана од политиката“.