Приведени поранешниот директор и двајца вработени на Клиниката за Онкологија

од Stefanija Kuzmanovska
253 прегледи

Поранешниот директор на Клиника за онкологија и радиотерапија и двајца вработени, од кои една медицинска сестра се приведени денеска во врска со скалндалот на Онкологија, кој минатата година ја разбранува јавноста. Клиниката функционира нормално и сите закажани прегледи и терапии течат тековно без проблеми.

Ова денеска во изјава за медиумите го изнесоа директорката на Клиниката Виолета Клисарова и организацискиот директор, Халид Матоши.

Тие нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен.

„Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земена од некаде, исклучен ѝ е телефонот“, изјави Матоши на прашањето за колку лица имало налози.

Клисарова со уверување дека Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.

„Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционираат нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, рече таа.

Директорката додаде дека се што е во врска со истрагата и сите случувања коишто се случиле изутрината понатаму како информации ќе ги изнесат истражните органи.

За тоа дали имало проверки од страна на полицијата, Клисарова рече дека можеби имало, но таа не била информирана.

„Она што го знам ви го потврдувам“, додаде таа. Во врска со тоа дали се одземени доказни материјали, таа кажа дека нема таква информација.

Клисарова, одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека терапија има за сите пациенти.

„Да, терапии има. Системот е во процедура. Тоа е процедура која трае и сме далеку од почнување и негово ставање во функција. Меѓутоа, во координација со министерството за здравство се работи на тој проект, а терапија има во моментов и Клиниката навистина функционира нормално и токму тоа со оваа денешна изјава сакам да го потврдам и изјавувам дека сите пациенти ќе бидат опслужени со целата потребна терапија“, посочи директорката.

Слични содржини