Касами: Таравари е соодветен кандидат за претседател на државата

од Nikola Popovski
329 прегледи

Претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами, синоќа информирал дека е разговарано со претседателот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари тој да биде кандидат за шеф на државата на следните претседателски избори.

„Разговарано е со Таравари и тој се смета за соодветен кандидат за претседател Албанец на изборите“, изјавил Касами во синоќешното интервју за приштинската „РТК“. Сепак не навел дали градоначалникот на општина Гостивар се согласил со ваквиот предлог.

Касами додал дека не е првпат косовскиот премиер Албин Курти да го поддржува албанскиот политички фактор во Македонија. Според него, тоа е поради неговиот придонес како претседател на Самоопределување и сега како премиер на Косово.

Првиот човек на Беса изјавил дека Курти заедно со претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца биле дел од изборните кампањи во неколку изборни циклуси.

-Сега ќе имаме иновации, каде претставници или високи експоненти на движењето Самоопределување на Косово, но и кои се државјани на Северна Македонија, ќе бидат дел од изборните листи за пратеници во листите на здружената опозиција, кажал Касами.

Ваквата изјава на Касами доаѓа откако лидерите од здружената албанска опозиција се сретнаа со Курти во Приштина, при што присуствуваше и Таравари. На средбата бил и Беќим Ќоку, кој е советник на Курти, но е од Струга и порано бил член на ДПА и на Алијанса за Албанците. Ќоку е сега член на Самоопределување на Курти и токму тој е мостот за поврзување со опозициската коалиција.

Лидерите на ЕСП минатата недела беа во САД, додека доаѓањето на Курти во Скопје го искористи Таравари, кој беше виден како разговара со него и со премиерот на Албанија, Еди Рама. Не се знае дали се разговарало за одлуката на АА, за тоа како да оди на избори, самостојно, со ДУИ или со ЕСП. Сепак, Таравари изјави дека одлуката ќе биде донесена до крајот на месецот.

Слични содржини