Апсолутно ќе има одговорност за случајот „Онкололгија“. Одговорност мора да има и ќе има, но не со холивудски апсења, туку со јасен процес. Ако ВМРО – ДПМНЕ не влезе во жестока битка со криминалот, граѓаните ќе се разочарат и ќе си заминат, порача претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната трибина во Штип насловена Здравствена платформа за иднина на тема „Концепт за здравство“.
„Оние малкумина кои што го злоупотребуваат здравствениот денар, оние малкумина кои што мислат дека на здравјето на пациентите ќе злоупотребуваат и лично ќе се богатат, јас ви ветувам дека ќе бидат санкционирани и ќе бидат изведени пред лицето на правдата со докази. Се разбира нема тоа да биде политичка хајка бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да организира спектакуларни холивудски апсења како што тоа беше одлика на некои минати времиња. Напротив со јасни аргументи и докази имаме веќе индиции и ќе кажеме кои се тие малкумина, за да не го валкаат името на многумината чесни кои се грижат за нашите пациенти. И ќе покажеме дека не се сите исти, бидејќи тоа е нашата максима, дека не се сите исти. И тоа мора да го направиме веднаш, офанзивно уште во првите неколку месеци од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Мицкоски.