Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг го пофали херојот на тимот против Вулверхемптон, Коби Мајну. Младото момче го постигна победничкиот гол за успех на „Молину“ од 4-3, но Јунајтед уште еднаш покажа дефанзивни слабости и тоа го загрижува Тен Хаг.
„Многу важна победа, иако на натпреварот може да се гледа од неколку агли. Да бидеме позитивни. Игравме напорно и доминиравме еден час. Требаше да водиме со 3:0 или 4:0, но не ги реализиравме нашите шанси, а на крајот покажавме наивност. Ова не требаше да се случи“, прокоментира Тен Хаг.
„Но, тогаш покажавме колку сме издржливи, особено Мајну, кој постигна прекрасен гол. Коби бележи неверојатен напредок. Ги има сите квалитети потребни за модерен играч од средниот ред. Умее да напаѓа и да брани, физички е силен и има завидна смиреност“, истакна тренерот на „црвените ѓаволи“.
„Секако дека не треба да примаме толку многу голови. Уште на почетокот на сезоната имаше натпревари на кои водевме, но потоа го загубивме водството. Важно е да се однесуваме поодговорно во одредени ситуации, бидејќи ние сме искусен тим и должни сме да се носиме во такви моменти“, нагласи Тен Хаг.
„На Рашфорд му беше потребен тој гол. Тоа беше тимски напор. Постигнавме и други голови по убави комбинации“, изјави Холанѓанецот.