Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски смета дека треба да постои закон за рестриктивни мерки и измени на други законски решенија кои ќе бидат во функција да се преземаат конкретни мерки за физички и правни лица кои што се на црната листа на САД и Обединетото Кралство.
-Претходната влада изрази јасно политичка волја во однос на ова носење на законкското решение затоа што не можеме да бидеме стратешки партнери само кога треба да имаме одредени права или остварување на некои наши цели. Ова е взаемен однос и треба да го покажеме. Владата мора да покаже политичка волја, истакна денеска поранешниот прв човек на македонската полиција.
Тој е дециден дека законот не треба да се повлече.
-Ако е причината некаква доработка, тоа треба да се направи и да се уреди целосно процедурата за носење на законот. Стратешкото партнерство со САД е нешто најсилно и многу значајно за македонското општество, посочи Спасовски.
Владата синоќа ги повлече од собраниска процедура измените на Законот за рестриктивни мерки, за корумпираните политичари што се на црните листи на САД и на Велика Британија, кои екс-премиерот Димитар Ковачевски ги потпиша на последниот ден пред да поднесе оставка.
Оттаму велат дека е потребно ново административно одобрување на решението, што ќе се случи на наредната седница, по што измените повторно одат во собрание. Претходно, негативен став за измените искажаа Министерството за правда, но и сегашниот технички премиер Талат Џафери.
Министерстовото за правда претходно порача дека вака предложениот закон е основа за во иднина тој да се злоупотребува и во политички цели. Дополнително фокус става на предлозите за правично судење со што Македонија директно се спротиствува и на оваа Европска конвенција. Друго нешто што е опфатено со овој закон е замрзнувањето на имотот од страна на Владата без притоа да има судска одлука. Оттука директно се нарушува друга европска конвенција која гарантира на секоја индивидува слободно да располага со својот имот.