Земјите-членки на ЕУ денеска, по интензивни преговори, одобрија закон за регулирање на вештачката интелигенција, соопшти белгиското претседателство на Советот на ЕУ.
Амбасадорите на 27-те членки на ЕУ на денешната средба „едногласно го потврдија“ политичкиот договор постигнат во декември меѓу земјите и европратениците, објави белгиското претседателство на мрежата Х.
Некои земји, вклучително и Франција и Германија, покренаа прашања за загриженост кои беа земени предвид пред да се финализира текстот, навеле дипломатски извори.
„Овој закон за вештачка интелигенција е важен чекор за воспоставување на првите правила на планетата за вештачка интелигенција, што ќе ја направи побезбедна и ќе ги почитува основните права на ЕУ“, потврди белгиското претседателство.
Европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон ја поздрави „историската и прва од ваков вид регулатива ширум светот“.