Иранското Министерство за надворешни работи ги осуди синоќешните воздушни напади на САД во Ирак и Сирија и го обвини официјален Вашингтон за „нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет“ на тие две земји.
Во изјавата на портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, се наведува дека американските напади се „уште еден авантуристички и стратегиски неуспех на САД што ќе резултира со зголемување на тензијата и нестабилноста во регионот“, пренесува Ројтерс.
Американската војска започна воздушни напади врз повеќе од 85 цели поврзани со Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и фракциите поддржани од официјален Техеран како одмазда за нападот со беспилотно летало во Јордан минатиот викенд, во кој загинаа тројца американски војници.
Вашингтон ги обвини „радикалните милитантни групи поддржани од Иран и кои дејствуваат во Сирија и Ирак“ за нападот.
Иран, сепак, го отфрла тврдењето на Вашингтон дека Техеран е поврзан со нападот со дрон, опишувајќи го како заговор на оние кои сакаат да ги вовлечат САД во нов регионален конфликт. Техеран тврди дека регионалните групи на отпор не примаат наредби од Иран и дека дејствуваат независно.