Денеска се одржа протест во општина Карпош, на местото каде што е предвидено да се гради 17-катница, во непосредна близина на државната клиника „8-ми септември“ и приватната болница „Клиника Жан Митрев“. Присуствувале околу стотина граѓани од Карпош.
Протестот беше организиран од партијата Левица, при што се обратил и претседателот на Советот во општината, Бранко Ристов.
-Ристов на присутните им пренесе дека оваа област е предвидена за болнички комплекси, со поликлиника, болница и две станици за брза помош и нема НИКАКВА ЗДРАВА ЛОГИКА на овој простор да се изгради станбен комплекс. Тој најави дека Левица ќе поднесе неколку предлог одлуки за стопирање и ревизија на предвидените штетни ДУП-ови на Општина Карпош и најави долга институционална борба против апетите на крупниот капитал, соопштија од опозициската партија.
„Преку Стевче ни е“, „Нема да го поминете рубикон“ и „Карпош не е Чикаго, ниту Дубаи“, пишуваше на дел од транспарентите.
Општина Карпош вчера во целост ги демантира наводите на советниците од „Независни за Карпош“ и Левица. Како што велат, сите работи што ги кажуваат во врска со изградбата на станбениот објект во Карпош 3 до бензиската на Макпетрол се „неточни, невистинити, обична манипулација и бесчувствителна лага со цел ако може да се украде од народот некој ефтин политички поен“.
Според општината, лага е дека градоначалникот Стевчо Јакимовски ја има потпишано градежната дозвола затоа што истите овие луѓе одамна се информирани дека тој се откажа од овластувањата во урбанизмот и целокупната надлежност ја пренесе на раководителите на овој сектор на 15 август 2023 година.
-За среќа, покрај нивниот деструктивен однос и разбирлива хистерија, педесет милиони евра ќе се случи инвестиција во Карпош.
Со добиените пари за комуналии за оваа градба во 2024 година ќе менуваме азбестни покриви, ќе поправаме лифтови, ќе даваме стипендии на талентирани ученици и спортисти, ќе субвенционираме полагање на возачки дозволи за средношколци, ќе реконструираме фасади, ќе градиме канализации, ќе реновираме училишта и градинки, порачаа меѓу друго од општината.
Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“. Дозволата од вчера, 1 февруари, е правосилна и градежникот „ЗСФ Ком“ веќе е на терен се подготвува за почеток на градба.