Поделеност кај Алијанса: Лога бара самостоен настап на изборите

од Nikola Popovski
319 прегледи

Генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, порача дека неговата партија засега не донела никаква нова одлука во однос на нивното учество на изборите.

-Врз основа на интересот на медиумите и на членството на партијата, сакам да ве информирам дека Алијансата за Албанците нема разгледано ниту едно барање во нејзините партиски органи, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание во однос на предизборните коалиции. На сила е одлуката на Централното претседателство, при што беше изгласано едногласно да излеземе сами на избори. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарните избори оваа година, објави Лога на социјалните мрежи.

Ова следува откако лидерот на АА, Арбен Таравари преку својот Фејсбук профил побара неговата партија на изборите да учествува заедно со здружената албанска опозиција, составена од трите партии БЕСА, Алтернатива и Демократско движење кои делуваат заедно како Европскиот сојуз за промени. Според него, доколку се прифати ваквиот предлог, „АА ќе биде партија која што ќе испише историја“.

Конечната одлука треба да ја донесат партиските органи во наредниот период.

Слични содржини