Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот Владо Мисајловски, во состав од членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, претседателот на Правна Комисија Панче Тошковски и пратеничката Велика Стојкова Серафимовска денес положи свежо цвеќе на гробот на Македонскиот великан Гоце Делчев, по повод 152 години од неговото раѓање.
Од партијата порачаа дека Делчев е апостолот на Македонското револуционерно движење, човек кој својот млад живот го положил на олтарот на татковината за слободата на Македонија.
-Без жртвата на Гоце Делчев, неговата посветеност во делото за ослободување и семето кое го засади во 1903, немаше да постои ниту 1944, ниту 1991. Македонија се темели на жртвата на Гоце Делчев и сите негови претходници и соборци, како и тие кои инспирирани и водени од неговото дело ја продолжија битката за Македонија.
Битката за Македонија кои тие ја добија е наша обврска да работиме, државата која ја уништија да ја вратиме и воскреснеме.
Македонија може многу подобро од тоа што е денес. Македонија има нови деца во ликот на Делчев, кои на модерен начин ќе ја водат битката за Македонија, просперитетна и силна, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.