Тензично во редовите на партијата која допрва треба да одлучи како ќе настапи на следните избори. Денеска бил оставен куршум пред домот на претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Од полицијата информираат дека се на терен, крим-техника од МВР врши истрага и се проверуваат траги.
Засега нема реакција од Таравари.
„Денеска во 9 часот и 34 минути Ј.Џ.(42) од Гостивар во СВР Тетово пријавил дека пред влезната врата од куќата на 50-годишниот гостиварец А.Т. во Гостивар било оставено, односно пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7, 62 милиметри.Екипа од СВР Тетово-ОВР Гостивар извршила комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење.Се расчистува и документира случајот“, информираат од СВР Тетово.
Овој настан следува откако полицијата од синоќа трага по напаѓачот на Дритон Небиу, директорот на Агенцијата за одземен имот и член на АА. Бил нападнат со тупаници во ресторан, како што рекол од приврзаник на претседателот на Алијанса.
Доцна во неделата дел од министрите на Алијанса и пратеници во Собранието јасно му изразија поддршка на Зијадин Села кој сега е претседател на партиското собрание.
На страната на претседателот на Алијанса за Албанците, Таравари се двајцата министри Азир Алиу и Фатмир Меџити, додека на страната на Зијадин Села за самостоен настап на изборите се министерот Кренар Лога и потпретседателите на партијата Елми Азири и Илире Даути.