Претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари, преку својот Фејсбук профил реагираше на денешниот настан со оставен куршум пред вратата на неговиот дом, оценувајќи го како „јасна заканувачка мафијашка порака“. Тој порача дека „промената почнала и нема ништо што би ја запрело“.
„Силите на државната полиција денеска беа кај мене дома како што видовте од медиумите, бидејќи таму беше пронајден куршум кој беше пуштен со јасна заканувачка мафијашка порака. Жал ми е за моето семејство и особено за мајка ми која особено лошо ја доживеа оваа ситуација. Жал ми е за оние политичари кои покажуваат дека нивниот аргумент да се замолчи нечиј глас се куршуми, куршуми кои ме потсетуваат на Италија од 1992 година каде мафијата го уби познатиот судија Џовани Фалконе… Но за тоа ми е жал…тука завршува мојата тага и започнува мојата радост затоа што разбирам дека тие што ја држеа оваа земја во заложништво се во очај на загуба! Секој кој ќе остане без зборови, а му останал само куршум е во голема неволја“, наведува Таравари.
На кој и да го испукал тој куршум, додава тој, му велам дека и да испукаш тешка артилерија, промената почна и нема ништо што би ја запрело.
„Вие можете да ме убиете и тоа би било голема загуба за моето семејство и жал ми е што и моите деца го читаат ова…но вие би убиле само еден човек, но што ќе направите со илјадници, стотици илјади и милиони луѓе кои веќе станале на нозе? Вие не можете да замолчите, да убивате, да запрете еден народ! Ви благодарам на сите што ме поддржувате! Срцето ми го правите планина! Ја започнавте промената со мене или без мене. Промената е завршена!“, напиша Таравари.
Од Европскиот сојуз за промена преку соопштение потенцираа дека заканата кон претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, „е сериозен чин против демократијата и европските вредности“.