Делегација предводена од министерот за правда Кренар Лога в четврток ќе престојува во Анкара на средби со официјалните турски претставници. Едно од прашањата за коишто ќе се разговара е екстрадицијата на Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Техничкиот премиер Талат Џафери не сака да прејудицира дали овие разговори би можеле да ја забрзаат екстрадицијата на Палевски, но нагласува дека е неопходна лична и директна комуникација за да се види што треба дополнително да се направи.
Лога во Турција ќе се сретне со неговиот турски колега, а предвидени се и средби со претседателот на Собранието, со претседателите на Уставниот и Врховниот суд, како и со претставници на Академијата за судии и јавни обвинители.
Од Министерството за правда посочуваат дека не можат да споделат официјални информации кога би бил екстрадиран Палевски, а за тоа колку време тој може да остане во Турција е прашање за турските власти согласно нивните закони. Кога ќе биде донесен во земјава, Палевски ќе биде спроведен во казнено поправна установа согласно решение на суд и понатаму тече постапката пред правосудните органи.
На Љупчо Палевски-Палчо, кој на 5 декември беше уапсен во Турција за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, му е одреден привремен затвор во затворот во Беликесир. Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело Намерно убиство на дете, со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја ( РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена.
Палевски, првоосомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, беше уапсен од турската полиција како се движи пешки по автопат во Беликесир. При апсењето бил сам и не пружал отпор, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 5 декември.