Зеленски предупреден за последици доколку го смени Залужни

од Stefanija Kuzmanovska
295 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски бил предупреден од Украинската служба за безбедност (СБУ) дека смената на врховниот командант на земјата Валериј Залужни може да доведе до немири.

„Украинска правда“ во средата објави дека смената на Залужни се планирало да биде објавена во петок, 2 февруари, но потегот бил одложен поради советите кои пристигнале од СБУ, пренесува „Раша Тудеј“.

Според извори, агенцијата му порачала на својот персонал да биде подготвен за немири во главниот град на Украина, Киев, доколку генералот, кој и понатаму е популарен и кај јавноста и меѓу војската, биде отстранет.

СБУ, исто така, контактирала со некои од воените команданти, барајќи од нив да внимаваат на нивните војници и да се погрижат никој од нив да не ги напушти своите поцизии.

Извештаите за тензии меѓу Зеленски и Залужни кружат со месеци, а се верува дека неуспехот на украинската контраофанзива минатата година ги влошил односите.

Во средината на јануари, „Блумберг“ објави дека расправијата избила откако генералот ја опишал ситуацијата на бојното поле со Русија како „ќорсокак“. Залужни подоцна ги повлече своите коментари, но „напнатоста остана и покрај официјалните тврдења дека раководството е обединето“, пишува весникот.

На крајот на јануари се појавија гласини дека врховниот командант наскоро ќе биде сменет, како од воени, така и од политички извори. Но, истите  беа демантирани од кабинетот на претседателот и министерството за одбрана.

„Вашингтон пост“ во петокот објави дека администрацијата на Зеленски ја известила Белата куќа дека е донесена одлука за смена на Залужни. Претставниците на администрацијата на Бајден го прифатија овој потег – ниту го поддржаа ниту се спротивставија, навеле извори на весникот.

Зеленски за првпат јавно се осврна на ситуацијата во саботата во интервју за италијанскиот информативен канал RAI TG1, велејќи дека планира „да смени голем број државни лидери, не само во еден сектор како што е војската“. Според претседателот, потребно е „ресетирање“.

Претходно оваа недела, поранешниот украински претседател Порошенко предложи Залужни да остане на чело на армијата, а ако Зеленски сака „ресетирање“, тогаш треба да почне од себе и од другите функционери во неговата влада, додаде Порошенко.

Слични содржини