Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи порача дека е длабоко загрижен поради најавеното проширување на воената операција кон пограничниот град Рафах, каде засолниште нашле над 1.3 милиони граѓани на Газа.
Според министерот за надворешни работи, ова може да доведе до хуманитарна катастрофа, имајќи го предвид фактот што поради затворената граница со Египет натамошното упатување кон југ е невозможно.
-Борбата против Хамас не го исклучува почитувањето на меѓународното и хуманитарно право. Цивилите треба да бидат целосно заштитени, истакна Османи.
Министерот повика на итно враќање на преговорите, со што би се овозможило ослободување на заложниците и отворил патот кон изнаоѓање одржлив мир.
Израелската офанзива предизвика големи разурнувања, особено на северот на Газа. Се уште се водат жестоки борби во централниот дел на територијата и Кан Јунис на југ.
Копнената офанзива во Рафах, исто така, може да доведе до затворање на граничниот премин за испорака на основна храна и лекови.
Катар, Саудиска Арабија и други земји, исто така предупредија на сериозни последици доколку израелската армија влезе во Рафах.