Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола, порача Пендаровски

од Nikola Popovski
261 прегледи

Шефот на државата, Стево Пендаровски синоќа порача дека е неприфатливо македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот. Ова следува во однос на реакциите од јавноста откако МВР соопшти дека ќе постапува согласно закон и апелира граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија.

Пендаровски бара од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи кои што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање.

-Како што кажав и пред неколку седмици, доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок. Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава, посочи претседателот.

Тој ги повикува надлежните институции навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори кои се преземаат да се надмине оваа неприфатлива ситуација.

-Истовремено, како претседател на државата сакам да ја повторам нашата посветеност кон имплементација на сите меѓународно правни обврски што ги имаме преземено, а произлегуваат од тн. „Преспански договор”, стои во објавата на Пендаровски.

Според Договорот од Преспа, Македонија има обврска да ги промени пасошите на граѓаните со новото уставно име Северна Македонија во рок од пет години, а тој рок истекува на 12 февруари.

Голем дел од граѓаните сè уште ги немаат променето пасошите и веќе неколку месеци има големи гужви во пунктовите на МВР за издавање лични документи.

Слични содржини