Русија се подготвува за воен конфликт со Западот во следната деценија и би можела да биде одвратена со контраактивно зголемување на вооружените сили, соопшти во вторникот Естонската служба за надворешно разузнавање.
Сè поголем број западни претставници предупредуваат на воената закана на Русија за земјите долж источното крило на НАТО, повикувајќи ја Европа да се подготви со повторно вооружување, пишува „Ројтерс“.
Шефот на разузнавањето рече дека проценката се заснова на плановите на Русија да го удвои бројот на сили стационирани долж нејзината граница со членките на НАТО Финска и балтичките држави Естонија, Литванија и Летонија.
„Русија го избра патот на долгорочна конфронтација и Кремљ веројатно предвидува можен конфликт со НАТО во следните десет години“, изјави Каупо Росин за новинарите при објавувањето на извештајот за заканите по националната безбедност на Естонија.
Воен напад од Русија е „многу малку веројатен“ на краток рок, рече тој, делумно затоа што Русија мора да ги задржи војниците во Украина.
„Ако не сме подготвени, веројатноста (за руски воен напад) би била многу поголема отколку без никакви подготовки“, додаде Росин.
Естонија и другите балтички земји ги зголемија своите воени трошоци на повеќе од 2 отсто од вредноста на нивните економии откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, а сојузниците на НАТО го зголемија своето присуство во тие земји.
Росин не очекува руски пробив во Украина пред претседателските избори во март, бидејќи би требало да се мобилизираат значително повеќе војници за да се постигне таа цел.
Зборувајќи за коментарите на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека нема да ги брани сојузниците кои не трошат доволно на одбраната, Росин порача: „Таквите изјави никогаш не се од помош“.
„Способноста на Русија да ги снабдува своите војници со муниција сè уште ја надминува онаа на Украина и доколку западната поддршка не биде задржана или зголемена, Украина веројатно нема да може да ја промени ситуацијата на бојното поле“, додаде тој.