Возачките и сообраќајните дозволи ќе бидат бесплатни за сите. Ваква одлука донесе Владата на последната седница. МВР ги регулира интерните акти за да може да се спроведе одлуката, а парично ќе ги награди и службениците кои прекувремено работеле на издавање документи.
За да се вратат во земјава, бесплатни патни листови ќе добијат нашинците од дијаспората кои останаа без пасоши со новото уставно име.
-До овој момент ниту еден наш државјанин непријавил во Министерството, ниту во дипломатско-конзуларните претставништва проблеми при патување со патни листови, ниту со друг вид на документи со Република Северна Македонија. Потврдуваме дека дипломатско-конзуларни претставништва редовно се снабдуваат со нови количини на соодветни обрасци и нема застој во нивното издавање, стои во соопштението од МНР.
Оттаму ја информираат јавноста дека „до овој момент ниту еден наш државјанин не пријавил во Министерството, ниту во дипломатско-конзуларните претставништва проблеми при патување со патни листови, ниту со друг вид на документи со Република Северна Македонија“.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Бојмацалиев на прес-конференција кажа дека службите во МВР ги изготвуваат сите интерни акти за да може да се спроведе одлуката а кои ќе бидат потпишани и од страна на дополнителник заменик министер, Бојмацалиев и министерот за внатрешни работи, Ташковски.
-Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на сите колеги кои работат во управните служби изминатиот период кои работат и во смени и за викенди и празници кои дадоа свој личен допринос за промена на патните исправи и на личните документи и на сите останати документи кои граѓаните требаше во изминатиот период да ги променат од Република Македонија, со новото име Република Северна Македонија и би сакал да ги информирам сите дека утре на своите сметки ќе добијат по една плата во висина на последната исплатена плата кои ги имале во МВР и исто така и тој акт е потпишан и од мене и од министерот, изјави дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Бојмацалиев.
Замената на документите во коишто треба да биде впишано новото име на државата – Северна Македонија е предвидена со Договорот од Преспа. Согласно овој договор потпишан во 2018 година, официјалното име на земјата е „Република Северна Македонија“, што претставува уставно име и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на земјата е „Северна Македонија“.