Европското знаме за гласање на Предлог законот за игри на среќа во Собранието е злоупотребено, а тоа ни го укажаа од Европската комисија, изјави претседателот Стево Пендаровски, откако не го потпиша Указот на законот кој предвидуваше сите објекти каде се приредуваат игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата. Ова наиде на остра критика од ДУИ, партијата која 2,5 години се обидуваше да го протурка законот и по се изгледа, поради тоа ќе му откаже поддршка на шефот да државата да „трча“ за уште еден мандат. Оттаму коментираат дека образложението за злоупотреба на европското знаменце е приказна за мали деца. После ваквите преписки, по се изгледа министерот Бујар Османи ќе биде претседателски кандидат на партијата на Али Ахмети, но се уште нема официјална потврда. ДУИ размислува за ваквиот предлог, откако од здружената албанска опозиција најавија дека ќе истрчаат со свој кандидат. Претседателските избори вчера беа распишани, а наскоро сите партии треба да ги соопштат своите предлози со кои ќе излезат на изборите.
Дали поради непотпишувањето на Законот за игри на среќа, шефот на државата „сам си ја затвори вратата“ за консензуален кандидат?
Новинарот и политички аналитичар, Дритон Зенку во разговор за „Локално“ истакнува дека ДУИ и ЕСП се свесни дека албанскиот кандидат за претседател не може да биде избран со сегашниот изборен модел. Тоа не може да се случи ниту со еден кандидат Албанец, а камоли фрагментација на гласачкото тело. Поради многу околностите, такво нешто не може да се случи во Северна Македонија, барем засега. Во два случаи, албанските кандидати за претседател успеале да добијат најмногу 150 илјади гласови, Имер Селмани во 2009 година и претходно во 1999 година Мухарем Неџипи.
-Ниту еден од нив не успеа да се пласира во вториот круг, бидејќи кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имале по 400-500 илјади гласови. Тоа што албанските партии го прават со претседателските кандидати е само пресметка за наредните политички движења. За разлика од претходните претседателски избори, изборите во 2024 година се специфични. Ако има одлука на ДУИ за да има претседателски кандидат, причината ќе биде оваа и ништо друго. ДУИ го нема луксузот да им овозможи на партиите од албанскиот опозициски блок, две недели пред парламентарните избори да собираат гласови во името на единствениот албански кандидат, оценува Зенку во разговор за „Локално“.
Овој изборен резултат на албанската опозиција, додава тој, би имал големо влијание и на парламентарните избори две недели по претседателските.
-Непотпишувањето на Законот за игри на среќа од страна на Пендаровски предизвика реакција од страна на ДУИ, но не мислам дека тоа би било причина ДУИ да не ја поддржи кандидатурата на СДСМ за претседател, ова е и од причина што се уште не се знае дали Пендаровски повторно ќе се кандидира за претседател, укажува Зенки.
Според него, Бујар Османи има симпатија од стана на македонскиот електорат и поради неговата професија како лекар, но живееме во балканска земја каде гласовите се уште се ставаат во кутии со етнички префикс.
-Секогаш има исклучоци, но за овој случај, не доволно за да се постигне целта. Во Северна Македонија е рано да се верува дека преку народното гласање ќе се скрши оваа предрасуда. Колективната свест не е непроменлива категорија, но во моментов се уште е рано оваа идеја да биде прифатена од мнозинството граѓани. Да имавме изборен модел во кој претседател ќе се избира во Собрание, тогаш ќе беше остварливо со политички договор, како во случајот со премиерот Албанец, но сегашниот модел преку директно гласање за избор на шефот на државата, не дава таква можност, вели соговорникот.
Додава дека шансите албанскиот кандидат да оди во вториот круг се еднакви со нула.
-Замислите, во 1999 година Неџипи собра 155 илјади гласови, а Трајковски и Петковски по речиси 500 илјади гласови. Трката ја одредуваат бројките, затоа мислам дека албанскиот претседател не е и реален објектив на албанските партии, туку само политички маневрирање. Трката за претседателските и парламентарните избори ќе биде интензивна. Секако, СДСМ но и ВМРО-ДПМНЕ добро ја прават математиката за претседателските избори, кои овојпат ќе бидат предупредување за победникот на парламентарните избори на 8 мај. Доколку СДСМ смета на гласовите на албанскиот електорат, Пендаровски ужива углед кај албанското население. Тој беше претседател кој успеа да одржи баланс во меѓуетничките односи и во однос на двете соседни земји, Албанија и Косово. Сега партиите си ги прават калкулациите и чекаат како ќе течат работите до последен момент. Улогата на албанските партии ќе има влијание и на овој процес, како и во минатото, истакнува новинарот.
Од друга страна, поранешната пратеничка Никица Корубин оценува дека она што е битно е дека концептот на консензуален кандидат зависи во голема мерка кој кому повеќе треба во равенката СДСМ-ДУИ, во услови на споени парламентарни и претседателски избори, каде претседателските избори севкупно, а особено првиот круг се исклучиво во функција на парламентарните избори и на тој начин речиси целосно се компромотирани и обезвреднети.
-Оттаму, преку изборот на кандидатот, секоја партија или коалиција, ќе покаже која порака сака да ја прати и кон кого: кон гласачите или кон противниците? Дали кандидатот треба да биде претходница за парламентарните избори или параван за гласовите кои ќе се бараат во вториот круг, вели Корубин во разговор за „Локално“.
Додава дека легитимно е секој кој може да добие поддршка од 30 пратеници или 10.000 гласачи, да биде кандидат за претседател на државата. Во таа смисла сосема легитимно е и Бујар Османи, кој, истакнува соговорничката, беше добар министер за надворешни работи, во поголемиот дел од својот мандат, да биде кандидат за претседател на ДУИ, особено кога тие треба да се спротистават на обединетата албанска опозиција, која според јавната реакција очигледно е точката околу која, односно против која се обединија сите, вклучително и македонската позиција и опозиција, што е исклучително индикативно и интересно на три месеци пред избори.
-Според тоа мерка за неговите шанси не е влез во вториот круг, туку дали и колку ќе биде “потрошен” на сличен начин како што сега се “троши” премиерот Талат Џафери, низ очигледната криза низ која поминува ДУИ, смета Корубин.
Ако на ДУИ, СДСМ му треба за парламентарните избори, тогаш на СДСМ, ДУИ му треба за претседателските избори е логиката која веројатно ја следат, истакнува соговорничката. И, според неа, тоа е една од последиците на непотребното спојување на парламентарните и претседателските избори, особено нелогично за владеачки партии, каде природно може да се очекува пад на рејтингот.
-Во оваа ситуација, двете недели помеѓу првиот круг на претседателските избори и вториот круг на претседателските избори со парламентарните избори, е прекраток за евентуална поправка на резултатот, кој со поединенечните кандидати ќе биде јасно видлив веќе во првиот круг. Но, тоа подеднакво важи и за ВМРО-ДПМНЕ, кој доколку се толку сигурни во анкетите, требаа до сега да бидат подеднакво сигурни и во изборот на било кој кандидат. Оттаму, изборот што ќе го прават, особено СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, е избор од кој ќе зависи од кого ја очекуваат поддршката во вториот одлучувачки круг. Тука лежи и одговорот дали СДСМ ќе одлучи сегашниот кандидат уште еднаш, по трет пат да биде нивен кандидат. За кого би бил прифатлив Пендаровски, а не би бил прифатлив некој друг кандидат или обратно? Тука веројатно лежи и одговорот на тоа кој ќе биде кандидатот на власта, објаснува поранешната пратеничка.
ВМРО-ДПМНЕ својот кандидат ќе го бира на конгрес на почетокот на идниот месец, а кандидати покрај ДУИ, најавуваат и од Европскиот сојуз за промени, Левица ја номинираше професорката Билјана Ванковска, кандидатура најави и докторот Вело Марковски, а кандидати се најавуваат и од ЗНАМ на Максим Димитриевски и од партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски. Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски нагласи дека за околу пет до десет дена од сега ќе ја донесе одлуката дали ќе се кандидира за втор мандат.
Претседател на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лиде може да биде избрано најмногу два пати. Кандидат за Претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници. За шеф на дравата е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за Претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одрува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.
Н.П.