Костадиновска-Стојчевска апелира: Културни работници да не одат против културни работници

од Nikola Popovski
189 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот брифинг со медиумите даде одговори на јавно поставените прашања во врска со резултатите од Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година.

Таа категорично ги отфрли квалификациите за политичко или друг вид на одлучување или влијание на Годишните конкурси и искажа незадоволство за начинот на кој некои корисници и членови на стручните комисии беа јавно жигосувани.

„Одбивам политиката да биде дел од културата“, рече Костадиновска-Стојчевска пред новинарите, која осврнувајќи се на составот на стручните комисии кои ги разгледуваа предлог-проектите, потенцираше дека станува збор за реномирани професори од општествените науки, кои многу внимателно и прецизно направија распределба на средствата, и сите нивни одлуки се аргументирани и се во согласност со зацртаните приоритети на Министерството за култура.

„Сите членови на стручните комисии имаат потпишано три вида на изјави, за немање судир на интереси, тајност и изјава дека стојат зад својата одлука. Се трудиме комисиите последните четири години да не се повторуваат“, нагласи министерката за култура, која уште еднаш ги демантираше реакците и рече:„Некој е научен да ја гледа културата низ политиката и не е во ред да се удира по културната сцена. Ме погодува, кога гледам како луѓе од културата си ги напаѓаат колегите, тоа не е во ред. Апелирам, културни работници да не одат против културни работници“.

Костадиновска-Стојчевска за реакциите поврзани за поддршката на „Рациновите средби“, рече дека не и е јасно зошто Општина Велес како долгогодишен организатор на оваа реномирана манифестација ја делегирала надлежноста за манифестацијата, на организација која нема традиција или искуство. „Ако сакаше да го задржат реномето на „Рацинови средби“, Општината Велес требаше да остане организатор на оваа важна манифестација“, нагласи министерката за култура.

Министерката за култура ги повтори начелата на конкурсите по кои одлучуваа комисиите, и рече дека тие не се со политички предзнак, а се однесуваат на поддршка на квалитетот, традицијта, подобрување на животот на заедницата и повеќекратни придобивки кои придонесуваат на разнородност на културата.

Во таа насока, Костадиновска-Стојчевска изрази жалење што некои од прифатените апликанти, по како што рече „медиумско-партискиот притисок“ се откажаа од добиените проекти. Таа додаде дека е против ваков начин на притисок и на моделирање на културата.

„Одбивам млади уменици кои студирале на реномирани универзитети во странство да бидат поврзувани на каков било начин со имиња од Министерството за култура. Секогаш ќе бидам со заложба на младите да им ја дадеме првата шанса. Се разбира и на традицијата, но и на младите. Дали со ваков однос, со јавно изложување на млади уметници по телевизии и партиски соопштенија придонесуваме за задржување на нашите млади во државата? Сигурно не. Никој не се осврна на проектот, туку само дека апликантката е дека од Битола“, рече министерката за култура по реакциите за еден од поддржаните проекти на апликант од нејзиниот роден град. Костадиновска-Стојчевска на брифингот со новинарите одговори на јавните реакции кои се однесуваа на капиталните инвестиции. Таа додаде дека продолжува изградбата на Турскиот театар, на театрите во Тетово и Куманово, како и реконструкција на бројни домови и центри на културата.

„Оваа Влада гради следејќи ги сите законски постапки, не со стиропор и со прехранбени бои. Обезбедуваме тригодишно финансирање како гаранција за квалитетна градба и реконструкција. Вложуваме во сите општини што се покажува зголемената сума за капитални дотации, на тој начин грижејќи се за рамномерен развој на културата“, истакна министерката за култуара.

Костадиновска-Стојчевска соопшти дека ниту една одлука во Министерството не се носи по лична основа, и затоа потсети дека дел од Годишниот конкурс е и жалбената постапка која е во тек.

На брифингот со новинарите беа присутни директорите и претставници на четирите театри кои учествуваат на драмскиот фестивал „Мојсиу“ во Приштина, а тоа се албанските ансамбли од Скопје, Гостивар, Куманово и од Тетово, кои го образложија проектот и ставките кои им се одобрени за реализација.

Пред новинарите претседателот на фестивалот „Меридијани“, Шкељзен Пајазити го објасни историјатот на манифестацијата и обемноста на програмата за која се поддржани.

Слични содржини