Нетанјаху: Израел нема да попушти под притисокот да прифати палестинска држава

од Stefanija Kuzmanovska
201 прегледи

Израел нема да попушти под притисокот да прифати палестинска држава, изјави денеска премиерот Бенјамин Нетанјаху, по извештајот на „Вашингтон пост“ дека САД, како главен сојузник на Израел, започнуваат планови за формирање палестинска држава.

„Израел категорично ги отфрла меѓународните диктати во врска со трајното решение со Палестинците“, рече Нетанјаху во изјавата објавена по разговорите со американскиот претседател Џозеф Бајден, истакнувајќи дека Израел ќе продолжи да се противи на едностраното признавање на палестинска држава.

Нетанјаху истакна дека државноста би била „огромна награда“ по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој ја предизвика војната во Газа.

Тој додаде дека таков аранжман може да се постигне само со директни преговори меѓу двете страни, иако преговори не се водат од 2014 година, пренесува „Ројтерс“.

„Вашингтон пост“ во четвртокот објави дека Соединетите држави соработуваат со некои арапски земји, вклучувајќи ги Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Саудиска Арабија, со кои Израел долго време се обидува да воспостави дипломатски односи, на повоениот план за регион кој би вклучувал цврста временска рамка за основање на палестинска држава.

Највисоките израелски министри силно го отфрлија ваквиот развој на настаните во четвртокот, а министерот за финансии Безалел Смотрич, кој живее во населба на Западниот Брег, рече дека палестинската држава ќе претставува „егзистенцијална закана“ за Израел.

Решението за две држави, кое ќе создаде држава за Палестинците на окупираниот Западен Брег и Газа заедно со Израел, беше клучна западна политика во регионот.

Слични содржини