Поскапувањето на катастарските услуги е до максимум 90, а не 300%, уверуваат геодетите

од Nikola Popovski
184 прегледи

Комората на геодети оценува дека апсолутно реални се цените со новиот тарифник за геодетски работи што стапи во сила на 15 февруари. Велат дека се врз основа на трошоците кои секоја геодетска компанија ги има во рамки на еден месец, но сметаат дека со него Агенцијата за катастар ги маскира неоснованите поскапувања на своите сервиси.

Според нив, ценовен шок има поради тоа што со години не бил донесен нов тарифник.

Поскапување на цените на услугите, како што рече Никола Рибароски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи, има за 50 до максимум 90 проценти, а не 300 проценти како што имало во некои објави.

-Претходно имавме цени кои беа апсолутно нелогични, врз основа на сите трошоци, инфалцијата. Се случуваше геодетските компании да наплаќаат одредена услуга и 50 проценти да ги дадат на Агенцијата за катастар на недвижности, бидејќи секоја компанија  е должна да користи податоци од Катастарот.  Токму тоа е причината што речиси 50 приватни геодетски компании на државно ниво едвај преживуваат, рече Рибароски.

Дел од услугите се поскапени. Ако купувате стан, на посебни имотни листови ќе бидат станот, уделот во заедничките простории, земјиштето под зграда, гаражата.

Од Агенцијата за катастар велат дека зголемувањето било направено поради зголемените реални трошоци за струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и друго, кои биле основа за пресметување на надоместокот, а се однесуваат за извршување на геодетски работи. Освен поскапување, следи и намалување, информираат оттаму.

Инаку, на крајот на 2022 година, по информациите дека цените на катастарските услуги се зголемени до 500 отсто, директорот на Агенцијата за катастар Борис Тунџев рече дека зголемувањето било меѓу 25 и 30 отсто. По реакциите во јавноста, тогаш Тунџев потенцира дека кај поголем дел од тарифните ставки биле дури и намалени, а со направените промени во методологијата, наместо 5 сега имало само 2 тарифници.

Слични содржини