Костадиновска-Стојчевска: Го враќаме симболот на Скопје – Универзалната сала

од Nikola Popovski
173 прегледи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги најави градежните активности за реконструкција и адаптација на Универзалната сала, откако Министерството за култура со Договор ги презеде правата од Град Скопје.

– Ние знаеме што значи развојот на културата, а тој не е можен без овој мултифункционален објект. Оваа сала припаѓа на сите – на уметниците, на културните дејци и, пред сè, на публиката. Затоа наша мисија во следните три години ќе биде овој простор да се уреди како што му прилега на Скопје – рече министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска го најави започнувањето на работите на, како што рече, симболот на Скопје – Универзалната сала, и додаде дека Министерството за култура е подготвено во следните три години непречено да го реализира проектот, за што се обезбедени средства и комплетна документација.

– Мотивирани токму од значењето на Универзалната сала, како и од молкот и инертноста на Град Скопје, Владата и Министерството за култура одлучија да ги преземат надлежностите за конечно да пристапиме кон реконструкција без застој и да го оспособиме објектот повторно да биде функционален – вели министерката за култура, потенцирајќи го емотивното значење на Универзалната сала.

– Чест ми е, но и голема одговорност, целиот процес на реконструкција да се одвива професионално, стручно и посветено, онака како што ние настојуваме да ја промовираме културата. Тоа го покажавме во изминатите години и ќе продолжиме така и во иднина. Граѓаните не смееме да ги оставиме без својот дом – Универзалната сала – рече Костадиновска-Стојчевска.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерката за култура рече дека со преземање на обврските, објектот на Универзалната сала треба да биде готов за три години и потоа ќе биде вратен под ингеренции на Град Скопје, како што е и договорено.

– Обезбедени се финансиските средства, пред една недела се распиша и јавната набавка за надзорот за Втората фаза преку меѓународен тендер, што значи и тоа кога ќе заврши, ќе се продолжи со работа. Значи три години е повеќе од доволно за да биде готов објектот и да го вратиме на Град Скопје, за повторно да биде под нивна ингеренција – рече Костадиновска-Стојчевска.

На настанот присуствуваа и Билјана Блажевска, управителка на фирмата изведувач „Универзал – Балкан“; Бујар Муча, проектант од „Мегарон инженеринг“; Љубин Макаровски, надзорен инженер од ЕОС Е.Е.; како и Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ и поранешен претседател на Владата на Република Северна Македонија. Присутните објаснија дека се гради по безбеден и ревидиран прокет, и дека Првата фаза ќе биде завршена најдоцна до крајот на летото, по што непречено ќе продолжи Втората фаза, до конечното завршување и предавање на функционалниот објект повторно на Град Скопје.

Слични содржини