Мијалков доби ослободителна пресуда за „Трезор“

од Nikola Popovski
345 прегледи

Поранешниот директор на ДБК, Сашо Мијалков доби ослободителна пресуда за случајот „Трезор“. Според судијката која го водеше предметот, јавниот обвинител не успеал надвор од разумно сомнение, да докаже дека обвинетиот го сторил делото за кое се обвинува.

Слобода добија и останатите обвинети, Горан Грујевски и Тони Јакимовски. Поради апсолутна застареност постапката запре и против обвинетиот Небојша Стајковиќ.

Ова е втора пресуда за случајот откако Апелациониот суд Скопје ги прифати жалбите на обвинетите и во 2022 година ја укина првостепената пресуда која беше донесена во 2021 година. Мијалков од Кривичниот суд беше осуден на 8-годишна казна затвор. Со одлуката на второстепениот суд се укинаа и казните на останатите.

Предметот „Трезор“, се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Слични содржини