Украина истражува 122.000 воени злосторства

од Stefanija Kuzmanovska
198 прегледи

Украина од почетокот на руската инвазија покрена истрага за 122.000 потенцијални воени злосторства, истакна денеска државниот обвинител Андриј Костин.

„Веќе идентификувавме 511 сторители и имаме 80 пресуди во украинските судови“, повеќето во отсуство, рече Костин на маргините на конференцијата за меѓународно кривично право во Берлин.

„Иако Русија негира дека нејзините сили вршат злосторства или напаѓаат цивили, украинските и западните претставници тврдат дека има докази за убиства и егзекуции, гранатирање цивилни објекти и принудни депортации. Се очекува дека бројот на воени злосторства ќе продолжи да расте“, најави Костин.

А една од причините може да биде тоа што Русија се чувствува неказниво, нагласи тој, на ден пред втората годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина.

Државниот обвинител нагласи дека на Киев му е потребна помош од меѓународната заедница во документирањето, истражувањето и процесуирањето на воените злосторства, иако „99 отсто од сите случаи“ ќе бидат процесуирани во Украина.

Слични содржини