Луис Хамилтон ја фрли големата бомба на пазарот на возачи во Формула 1 за сезоната 2025 година, откако изненадувачки реши да го напушти Мерцедес и да се префрли во Ферари.
За време на претсезонскиот тест во Бахреин, за прв пат Хамилтон имаше можност поопширно да зборува за неговата одлука да го замени Мерцедес за црвеното Ферари. Британецот уште еднаш изјавил дека ова е најтешката одлука што морал да ја донесе во животот.
„Минатото лето потпишав нов двегодишен договор со Мерцедес бидејќи тогаш ја видов мојата иднина овде. Но, зимата се појави можност и решив да ја искористам, тоа беше најтешката одлука во мојот живот. Веќе 26 години сум дел од Мерцедес, ме поддржаа и изминавме долг и успешен пат. Напишавме историја во спортот и секогаш ќе бидам горд на тоа и на она што го постигнавме. Но, на крајот на денот, пишувам и своја приказна и мислам дека сега е време да го започнам тоа ново поглавје. Мислам дека растејќи секој пилот сонува и се прашува како би било да го облечеш црвениот костум и да седнеш во црвената пилотска кабина. За време на Италијанското ГП секогаш сум импресиониран од морето на навивачи. Ова е тимот кој нема многу успех од годините на Михаел (Шумахер) и од 2007 година и јас го гледам тоа како голем предизвик. Како дете играв со автомобилот на Михаел во видео игрите, така што ова дефинитивно е мој сон. Многу сум возбуден за тоа што претстои“, објасни Хамилтон.
Тој рече и дека ќе се обиде да го научи италијанскиот јазик, кој дефинитивно добро ќе му дојде во Маранело. Пред сето тоа, сепак, Хамилтон има уште една сезона со Мерцедес и засега целиот негов фокус е на Сребрените стрели.
„Сите овие години немав можност да научам нов јазик, но секако ќе се обидам. Се сеќавам кога возев картинг во Италија успеав да научам неколку фрази и се надевам дека брзо ќе се сетам на нив. Но, делот за Мерцедес сè уште не е завршен, јас се уште сум 100% фокусиран на овој тим. Ќе се обидеме да завршиме на висока позиција, тоа е мојата и целта на тимот и имам целосна верба во сите во тимот. Она што го постигнавме досега е одлично, па се надевам дека некако ќе ја намалиме разликата до Ред Бул“.