Полскиот МНР: Русија ќе ја тестира колективната одбрана на НАТО

од Stefanija Kuzmanovska
314 прегледи

Шефот на полската дипломатија, Радослав Шикорски, оцени дека Русија ќе се обиде да ги тестира гаранциите кои ги дава колективната одбрана на членките на НАТО и оти кога руските претставници секој час ѝ се закануваат на Полска дека ќе ја нападнат, тој мора сериозно да ги сфати тие закани.

„Ако Путин се закани, ако поранешниот претседател Медведев се закани, тогаш за жал морам да верувам во тие закани. Мораме да се подготвиме за фактот дека Русија ќе се обиде да ги тестира безбедносните гаранции во НАТО“, рече Шикорски.

Претходно во петокот, на седницата на Советот за безбедност, полскиот министер за надворешни работи на невообичаено ненадеен начин се откажа од својот подготвен говор и директно му се обрати на рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, точка по точка да ги демантира неговите обвинувања против Западот и Полска.

„Небензја вели дека сме заробеници на русофобија, но фобијата значи ирационален страв. Додека речиси секој ден добиваме закани за нуклеарно уништување од поранешниот претседател на Русија и пропагандистите на Путин. Јас тврдам дека тоа не е ирационално“, навел Шикорски во Обединетите нации.

Тој додава дека ако генерално се проценат двете години војна, Украина сепак постигна неочекуван успех.

„Да разговаравме на денот кога почна руската инвазија, ќе изгледав како оптимист да кажев дека Русите нема да успеат да го освојат Киев, дека Украинците ќе тргнат во контраофанзива и ќе вратат половина од окупираните територии, дека ќе ја избркаат руската флота од половина од Црното Море и дека Западот ќе побрза да даде огромна помош“, истакна Шикорски.

Слични содржини