Лукашенко најави дека ќе се кандидира на претседателските избори во 2025 година

од Stefanija Kuzmanovska
236 прегледи

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко денеска изјави дека ќе се кандидира за функцијата на следните претседателски избори во 2025 година.

„Ќе се кандидирам, пренесете им (на опозицијата)“, им рекол Лукашенко на новинарите, пренесува белоруската новинска агенција Белта.

Лукашенко оценил дека колку е потешка ситуацијата, опозицијата поактивно ќе работи на разнишување на белоруското општество.

„Колку повеќе се трудат, толку е поголема веројатноста да се кандидирам. Не грижете се, ќе направиме се за да ја заштитиме Белорусија“, истакнал белорускиот лидер.

На прашањето дали неговите зборови би можеле да се протолкуваат како почеток на предизборна кампања, Лукашенко навел дека веќе доволно зборувал за изборниот циклус и напорите (на опозицијата) да ја разниша ситуацијата во земјата пред претседателските избори, кои, како што рече, „се кулминација на изборниот циклус“.

„Тоа ви е изборен циклус. Официјално или неофицијално. Какво прашање, таков одговор. Ако ви требаат детали, ќе бидам директен со вас: Не можам да кажам ништо ново. Пред нас е година до изборите. Многу работи можат да се променат. Нормално, јас и повеќето од нас, општеството, ќе реагираме на промените кои ќе се случат во нашето општество и на состојбите кои ќе ги имаме пред изборите“, додаде 69-годишниот Лукашенко, кој е претседател на Белорусија од 1994 година.

Во Белорусија денеска се одржуваат парламентарни и локални избори.

Слични содржини