Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова пред Државната изборна комисија ќе биде предложена со потписи од пратениците, но и со потписи од граѓаните, најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
За време на денешниот престој во Битола, Мицкоски ги повика битолчани на 3 март масовно да се вклучат во поддршката со потписи за Силјановска Давкова.
„Следната сабота ќе имаме конвенција за избор, јас би рекол, на идниот претседател на Македонија, а тоа е професорката Гордана Силјановска Давкова. Бидејќи законскиот услов е кандидатурата да се поднесе на два начина, односно собирање граѓански потписи или со доставување предлог со потписи од пратеници, којшто ние го исполнуваме, јас сакам, бидејќи сега гледам некои собираат потписи од опозицијата на опозицијата и да глумат опозиција на опозицијата за што ќе добијат потписи од СДСМ и ДУИ, да ги замолам битолчани на 3 март, следната недела заеднички да собереме рекорден број потписи за идниот претседател Гордана Силјановска Давкова. Поддршката со потписи на пратениците, заедно со потписите од граѓаните ќе ги приложиме во Државната изборна комисија за идниот претседател на Македонија, а тоа е професорката Гордана Силјановска Давкова“, наведе Мицкоски.