Откако Сер Џим Ретклиф ја презеде сопственоста на Манчестер Јунајтед, промените и „резовите“ се одвиваат како на трака.
Според пишувањата на англиските медиуми, славниот клуб од Манчестер сака на лето да го доведе дуото на Баерн, а тоа се Томас Тухел на клупата и Хари Кејн, капитенот на англиската репрезентација, во нападот.
Тухел веќе се согласил да го раскине договорот со германскиот гигант, а се дознава дека тој веќе се понудил на Манчестер Јунајтед. Останува да се види дали Јунајтед ќе реши да го „откачи“ Ерик тен Хег, но она што е сигурно е дека „црвените ѓаволи“ го сакаат Хари Кејн.
Од „Олд Трафорд“ доаѓаат информации дека нема да прифатат „не“ за одговор и дека по секоја цена ќе сакаат да го доведат актуелниот најдобар стрелец на Бундеслигата. Кејн уште пред заминувањето во Германија имаше понуда од Манчестер Јунајтед, но тогаш Тотенхем го прекина трансферот и Кејн не дојде во „Театарот на соништата“.
Проблемот лежи во тоа што Кејн не е задоволен од начинот на кој Тухел го води тимот на Баерн, па прашање е дали Англичанецот ќе сака „во пакет“ со Тухел да се врати во Англија.