Соработниците на Навални имаат проблеми: „Погребални претпријатија добиваат закани, никој не сака да го пренесе телото“

од Nikola Popovski
242 прегледи

Соработниците на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални денеска соопштија дека непознати лица се обиделе да спречат ангажирање на погребални претпријатија за неговото тело да биде погребано утре во Москва.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, на мрежата „Х“ објави дека непознати лица телефонски им се заканувале на сопствениците на погребалните возила и дека поради тоа никој од нив не се согласил да го транспортира неговото тело. Навални треба да биде погребан во петок во руската престолнина, по богослужбата во југоисточното предградие каде што живеел.

Соработникот на опозицискиот лидер Иван Живанов додал дека тимот на Навални ќе се снајде и ќе најде решение за погребот, пренесува Ројтерс. Критичарите на Кремљ, кои ветија дека ќе го пренесуваат неговиот погреб во живо, ги обвинија властите за блокирање на граѓанската комеморација што сакаа да ја одржат за Навални.

Кремљ соопшти дека не учествува во организацијата на погребот на Навални. Сојузниците на Навални ги повикаа луѓето кои сакаат да му оддадат почит, но не можат да присуствуваат на погребот, да се соберат кај знаменитостите во нивните градови во петок во 19 часот по локално време.

Неговата вдовица, Јулија Навални изрази сомневање дека погребот ќе помине мирно и стравува дека полицијата ќе ги уапси присутните. Сојузниците на Навални го обвинија рускиот претседател Владимир Путин за убиство на опозиционерот поради ризикот од негово ослободување во потенцијалната размена на затвореници.

Тие не објавија докази за да ги потврдат обвинувањата, но ветија дека ќе откријат како е убиен и по чија наредба. Кремљ негираше вмешаност на државата во неговата смрт и објави дека не знае за никаков договор за ослободување на Навални.

Според соработниците на Навални, во болничкиот извештај е наведено дека тој починал од природна смрт. Навални почина во казнена колонија на 16 февруари, откако, според затворските власти, се онесвестил по утринската прошетка, по што неуспешно бил реанимиран.

Таму отслужуваше 30-годишна затворска казна за, меѓу другото, како што е наведено во една од пресудите на рускиот суд, за основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности. Навални беше познат и како остар критичар на Кремљ.

Слични содржини