САД проверуваат што се случи во Газа, тврдат дека има две верзии

од Nikola Popovski
267 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека во моментов истражуваат што точно се случило во Газа, каде, според локалното Министерство за здравство, 112 лица загинале додека чекале во ред за храна.

Бајден им рекол на новинарите во Белата куќа дека САД „проверуваат“ и посочил дека постојат „две различни верзии за тоа што се случило“, пренесува Би-Би-Си.

„Разговарав на телефон со луѓе на теренот и сите факти се уште се утврдуваат“, кажал Бајден.

Тој признал дека оваа трагедија ќе ги усложни преговорите за заложниците и додал дека прекинот на огнот најверојатно нема да се случи до понеделник, како што претходно посочи, но дека се уште се надева.

Белата куќа претходно соопшти дека ги разгледува извештаите за настаните во Газа, опишувајќи го како „сериозен инцидент“.

„Жалиме за загубата на невини животи и ја препознаваме страшната хуманитарна ситуација во Газа, каде невините Палестинци само се обидуваат да ги прехранат своите семејства“, рекол портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Тој додал дека инцидентот ја нагласува важноста од проширување и одржување на протокот на хуманитарна помош во Појасот Газа, вклучително и за време на потенцијалниот привремен прекин на огнот.

Директорот на агенцијата за хуманитарна помош на Обединетите нации, Мартин Грифитс, изјави дека е згрозен од извештаите дека повеќе од 100 луѓе биле убиени во Газа додека чекале да добијат хуманитарна помош.

„Дури и по речиси пет месеци брутални непријателства, Газа сè уште има способност да не шокира“, објави Грифитс на социјалната мрежа „Х“, додавајќи дека „животот исчезнува од Газа со застрашувачка брзина“.

Портпаролот на израелската влада ја опишал ситуацијата како „трагедија“ и рекол дека првите индикации се дека возачите на камиони ја предизвикале смртта.

„Во еден момент камионите беа преполни со луѓе, поради што возачите налетаа на толпа луѓе и колку што разбрав загинаа десетици луѓе. Очигледно е дека е трагедија, но се уште не сме сигурни во деталите“, додал тој.

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал Кудра, објавил дека израелската армија убила 112 луѓе кои чекале во ред за делење на храна од хуманитарна помош, а 760 лица се повредени.

Тој истакнал дека, според очевидци, телата на некои жртви допрва треба да се најдат во близина на кружниот тек Набулси, на југозападната периферија на градот Газа, така што конечниот број на жртви би можел да биде поголем, јавува Би-Би-Си.

Во првите информации, објавени претходно денеска, се вели дека загинале 104 лица.

Слични содржини