Соединетите Американски Држави го блокираа соопштението на Советот за безбедност на ОН предложено од Алжир и поддржано од арапските земји, кое би ги обвинило израелските сили дека отвориле оган врз Палестинците кои чекале храна и друга хуманитарна помош во близина на градот Газа и убиле повеќе од 100 луѓе.
Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур изјави за новинарите по итниот затворен состанок на Советот за безбедност на ОН дека 14 од 15 членки на Советот за безбедност ја поддржале изјавата, според АП.
Соединетите Американски Држави не ја поддржаа изјавата, а заменик американскиот амбасадор Роберт Вуд на новинарско прашање зошто САД донеле таква одлука, одговори дека не се познати сите факти за инцидентот.
Вуд додаде дека има спротивставени извештаи и дека САД се обидуваат да ги соберат сите факти, вклучително и „околностите околу тоа како загинале луѓето“.
Според него, дипломатите работат на тоа „да видат дали може да се најде нешто за што сите можат да се согласат“.